ЖЕНЕВА (АА) - Започна 40. сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), која се одржува во Канцеларијата на ОН во швајцарскиот град Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, имаше свое обраќање на отворањето на 40. сесија на Советот за човекови права на ОН, во кое истакна дека човековите права на многу места во светот губат основа.
„Да бидеме отворени. Човековите права во голем број места во светот губат основа. Но јас не ја губам мојата надеж. Да, забележуваме проблематични трендови, но во исто време забележуваме и силни движења во областа на човековите права и социјална правда. Младите, новите нации, мигрантите и бегалците, ги бараат нивните права. Новинарите без страв произведуваат приказни“, рече Гутереш.
Тој нагласи дека и покрај сите позитивни случувања, активистите и новинарите низ светот се изложени на насилство.
„Во последните три години, над илјада бранители на човековите права и новинари се убиени“, додаде тој.
Гутереш во своето обраќање не се осврна на убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, а истакна дека не треба да се дозволи да останат неказнети, како што рече тој, „валканите злосторства“ врз новинарите и другите медиумски работници.
Генералниот секретар на ОН рече дека е забележано ненадејно зголемување на антиисламизмот, антисемитизмот, реториката на омраза, расизам и нетолеранција. Според него, специјалниот советник за спречување на геноцидите, Адама Диенг, е назначен за ОН да водат поефективна борба против реториката на омраза.
Гутереш се осврна и на климатските промени, и нагласи дека над 90 отсто од населението во градовите во светот дише, како што рече, „небезбеден воздух“, и дека загадувањето на воздухот е причина за рана смрт кај 7 милиони лица, од кои 600.000 деца.
Тој истакна дека на 23 септември ќе се организира Климатски самит, со цел да ги мобилизираат светските лидери во оваа насока.
Инаку, на 40. сесија на Советот за човекови права ќе се разговара околу прашањата за човековите права во различни места во светот.
На оваа сесија ќе има свое обраќање и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, кој исто така ќе се обрати и на Конференцијата на ОН за разоружувања која продолжува во Женева.
Сесиите ќе траат околу еден месец, на коишто ќе бидат претставени извештаите на комисиите на ОН во врска со состојбата на човековите права во Сирија, Јужен Судан, Бурунди и окупираните територии на Палестина. Ќе се дискутира и за различни важни прашања, пред сè за смртната казна и популизмот.
Во овие рамки, меѓународните невладини организации кои се дел од ОН ќе организираат бројни активности на различни теми, како тортура, проблемот со миграција, слобода на верување, борба против тероризмот, воени злосторства, како и правата на жените и децата.
Советот за човекови права на ОН е основан во 2006 година. Турција во овој совет има статус на набљудувач. Советот годишно три пати организира состаноци, на кои се дискутира за човековите права во различни места во светот.