свет

Зеленски: Изјавите на Путин за прекин на огнот се „во спротивност со реалноста“

Руските и украинските власти известија за напади во текот на ноќта врз локалната инфраструктура, само неколку часа по телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп

Burç Eruygur  | 19.03.2025 - Обновена : 19.03.2025
Зеленски: Изјавите на Путин за прекин на огнот се „во спротивност со реалноста“

ИСТАНБУЛ (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес рече дека изјавите на неговиот руски колега Владимир Путин за прекин на огнот се „во спротивност со реалноста“, а Москва и Киев продолжуваат со меѓусебни обвинувања за напади врз инфраструктурата, јавува Анадолу.

Претходно руските и украинските власти известија за напади во текот на ноќта врз локалната инфраструктура, само неколку часа по телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп вчера, во кој рускиот лидер се согласи на ограничен прекин на огнот, при што привремено ќе ги запре нападите „врз енергетската и инфраструктурната мрежа“.

Подоцна во текот на денот Зеленски изјави дека поддржува таква иницијатива.

Денес, на заедничката прес-конференција во Хелсинки со финскиот колега Александар Стуб, тој изјави: „Во текот на ноќта имаше 150 беспилотни летала, чија цел беше и енергетската инфраструктура. Имаше напади и врз две болници, како и врз урбаната инфраструктура.“

„Затоа зборовите на Путин многу се разликуваат од реалноста“, додаде тој.

Говорејќи за можните претстојни преговори, Зеленски повтори дека територијалното прашање ќе биде едно од „чувствителните и тешки“ теми и истакна дека Киев нема да ја признае руската контрола врз украинските територии, нарекувајќи го тоа „црвена линија“ што нема да ја преминат.

Украинскиот лидер потврди и дека подоцна во текот на денот ќе има телефонски разговор со Трамп, при што ќе разговараат за „следните чекори.“

„Навистина имавме добар состанок на нашите тимови во Џеда (Саудиска Арабија). Мислам дека сè помина добро, освен за Русија, која секогаш не е среќна кога нешто оди добро“, додаде Зеленски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.