ИСТАНБУЛ (АА) - Шумските пожари низ светот, особено на северната хемисфера, оставија милиони хектари без дрвја и предизвикаа огромни штети врз животната средина во 2021 година, што укажува на влијанието на промена на климата.
Додека низа еколошки катастрофи го погодија светот во 2021 година, интензивните и пролонгирани шумски пожари направија пустош во некои земји земајќи и човечки жртви, како и животите на илјадници животни и друг жив свет.
„Yale Climate Connection“, мулимедијален сервис за борба против климатските промени, истакна дека во август 2021 година Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) го објави шестиот извештај за проценка, во кој се заклучува дека луѓето најверојатно се одговорни за 100 проценти од приближно 1,1 степен Целзиусов од глобално затоплување во текот на изминатите 150 години, и дека климатските промени ќе продолжат да се влошуваат преку екстремните температури, суши, шумските пожари, поплавите и ураганите.
„Северозападна Америка, Сибир и Медитеранскиот Регион доживеаја интензивни суши во средината на 2021 година“, додава „Yale Climate Connection“.
Шумските пожари исто така предизвикаа рекорден број емисии на јаглерод диоксид во некои делови на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Сибир, според извештајот на Службата за мониторинг на атмосферата Коперник на Европската Унија (CAMS), на 6 декември.
„Шумските пожари во 2021 година во светот предизвикаа вкупно околу 1.760 мегатони (1,7 милијарда тони) емисии на јаглерод, што е еквивалентно на 6.450 мегатони на јаглероден диоксид“, соопштија од КАМС.
Дескот за видеовести на Агенција Анадолија (AAVN) ги сними огромните шумски пожари во Турција, САД, Италија, Русија и Алжир.
- Калифорнија, САД -
Калифорнија оваа година се соочи со еден од најголемите шумски пожари во нејзината историја.
Се верува дека климатските промени се клучната причина за трендот на зголемување на бројот на пожарите.
Според бројките собрани од Одделот за шумарство и заштита од пожари на Калифорнија (Cal Fire), се проценува дека изгореле преку 2,5 милиони хектари површина, а 3.629 објекти биле уништени или оштетени, во 8.619 пожари.
Во огромните шумски пожари во Калифорнија потврдено е дека загинале 3 лица.
КАМС соопшти дека шумските пожари во Северна Америка предизвикале приближно 83 мегатони емисија на јаглерод во атмосферата.
- Турција -
Некои земји во Источниот и Централниот Медитеран доживеаја интензивни и разорувачки шумски пожар во јули и август, предизвикувајќи високи концентрации на PM2.5 честички и влошен квалитет на воздух.
Ова лето Турција ги мобилизира сите свои сили за да ги изгаси пожарите кои се избувнаа во исто време и да го спаси дивиот свет во природата.
„Турција беше најтешко погодена во јули, при што податоците на КАМС ГФАС покажаа дневен интензитет на пожари на многу високи нивоа кои беа далеку над просекот за регионот“, рече КАМС.
Турција стави под контрола 209 шумски пожари во 47 области за време на 10 дена во август, изминатото лето.
Најмалку 8 луѓе загинаа од почетокот на пожарите во јужна и југозападната Турција на 28 јули.
Голем број волонтери од различни области на земјата отидоа во опожарените подрачја, а некои земји испратија противпожарни авиони за солидарност со Турција.
- Грција -
Шумските пожари зафатија различни места во Грција, вклучително и регионите Атика и Евија, опустошувајќи огромно шумско земјиште, додека Европа беше погодена од топлотен бран.
Во 2021 година, преку 110.000 хектари изгореа во Грција, што е повеќе од петпати (21.000 хектари) од годишниот просек од 2008 до 2020 година, според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS).
Грчката Влада бараше меѓународна помош откако противпожарните капацитети во Грција имаа потешкотии за време на борбата која траеше три последователни недели против огромните шумски пожари во август.
- Русија -
Шумските пожари беснееја во источна Русија со регистрирани 128 пожари во 20 региони. Пожарите се проширија на површина од 1,5 милиони хектари. Седум илјади пожарникари и персонал беа распоредени со 1.283 единици опрема и 27 авиони за гасење на пожари.
Властите прогласија вонредна состојба во шест региони поради заканата од пожари.
- Алжир -
Најмалку 42 лица, вклучително 25 војници, загинаа во шумските пожари кои избувнаа на истокот од главниот град.
Неколку провинции во Алжир сведочеа на огромни пожари кои беа интензивирани поради силниот топлотен бран и силните јужни ветрови.