Ekipa
15 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Дипломатската служба на Европската Унија во моментов испитува различни сценарија за дејствијата на Русија против Украина за да го подготви Блокот за сите можности, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го очекуваме најдоброто, но се подготвуваме за најлошото“, рече Борел, пред европратениците во врска со одговорот на блокот на масовното руско воено засилување во и околу Украина во неговиот говор на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
Борел рече дека концентрацијата на војници е „обид да се поткопа територијалниот интегритет на Украинците, кој веќе беше загрозен кога Русија го презеде Крим“.
Тој призна дека тие „ги проучуваат различните сценарија што може да се замислат дека би можеле да се случат во следните денови или недели“, со цел да го подготват одговорот на ЕУ на каков било развој на настаните.
Го повтори предупредувањето на блокот дека нападот против Украина ќе заврши со „висока политичка и економска цена“ за Русија, но нагласи дека дипломатите на ЕУ работат преку „начин на заплашување“, бидејќи Блокот не сака да придонесе за ескалација на конфликтот меѓу Украина и Русија.
Во 2014 година Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против Централната влада, политика што ја одржуваше во изминатите седум години.
По вторпат оваа година, Русија минатиот месец концентрира значителен број војници во и околу Украина.
Високите претставници на ЕУ во неколку наврати изразија поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во изминатите неколку месеци.
ЕУ применува рестриктивни мерки како одговор на украинската криза од 2014 година.
Во моментов, 188 лица и 48 ентитети се на црната листа на блокот поради кршење на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Воведени се и посебни економски санкции за руските финансиски, енергетски и одбранбени сектори поради неподготвеноста на Москва целосно да ги спроведе Договорите од Минск наменети за воспоставување мир во источна Украина.
Во понеделникот, ЕУ, исто така, ја стави на црната листа групата „Вагнер“ за кршење на човековите права и интервенција во конфликти низ светот, вклучувајќи го и оној во Украина.