Satuk Buğra Kutlugün
05 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
РИМ (АА) - Во Италија вчера се одржаа парламентарни избори на кои, според излезните анкети, најголем број гласови освои Коалицијата на централната десница предводена од партијата „Форца Италија“ на чело со Силвио Берлускони, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места низ цела Италија синоќа беа затворени во 23 часот по локално време, а италијанската новинска агенција АНСА ги објави излезните анкети, според кои блокот на централната десница на Берлускони освои меѓу 33 и 36 отсто од гласовите.
На изборите во Италија гласаа околу 46 милиони гласачи, а излезните анкети најавуваат дека Коалицијата на централната десница ќе има најголем број претставници во двата дома на италијанскиот парламент, но недоволно мнозинство за формирање влада.
Излезните анкети ги потврдија и предвидувањата на преизборните анкети, кои најавија дека партијата „Пет ѕвезди“ (M5s) ќе освои најголем број гласови како самостојна партија. Оваа партија освои меѓу 29,5 и 32,5 отсто од гласовите.
Коалицијата на централната левица предводена од Демократската партија на премиерот Матео Ренци освои меѓу 24,5 и 27,5 отсто од гласовите.
Како што се очекуваше, а и излезните анкети потврдија дека на вчерашните избори нема да биде добиен победник којшто ќе може самостојно да формира влада.
Излезноста на вчерашните избори во Италија изнесуваше 75 отсто, и беше речиси иста со излезноста на претходните избори одржани 2013 година.