Ahmed Asmar
06 Август 2024•Ажурирај: 08 Август 2024
ГАЗА (АА) - Израел ги врати во Газа посмртните останки на повеќе од 80 Палестинци преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст, изјави палестински претставник за Анадолу.
„Палестинската страна ги прими посмртните останки на десетици Палестинци убиени од Израел преку преминот Керем Шалом“, изјави вчера Ахмад Духаир, вршител на должноста шеф на Одделот за судска медицина во Министерството за правда.
„Идентификувањето на починатите е тешко поради целосното распаѓање на труповите“, додаде Духаир.
„Израел ги стави посмртните останки во пластични кеси само со сериски броеви, без да ѝ даде на палестинската страна какви било информации за овие тела или за местата од кои се земени, каде се убиени или каде се држени“, додаде тој.
Истакна дека на некои посмртни останки има делови од „зимска облека, што укажува дека биле киднапирани или убиени минатата зима“.
Не е јасно дали посмртните останки им припаѓаат на Палестинците убиени во нападите врз Појасот Газа или додека биле притворени.
Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа, коментирајќи го предавањето на телата, наведе дека израелските сили зеле 2.000 тела од гробиштата во текот на разурнувачките напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега.
Претходно владината Канцеларија за медиуми го обвини Израел за крадење на органи од мртви Палестинци.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 39.600 Палестинци, главно жени и деца, а над 91.600 се повредени.
Речиси 10 месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.