Gülşen Topçu
14 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
ГАЗА (АА) - Израелските власти не дозволиле седуммина европратеници да влезат во земјата и во Палестина, под изговор дека давале поддршка во кампањите за бојкотирање на Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сара Притчет, портпаролка на Евро-медитеранската опсерваторија за човекови права со седиште во Женева, во писмено соопштение истакна дека израелската администрација не дозволила седуммина европратеници да влезат во земјата под изговор дека давале поддршка во кампањите за бојкотирање на Израел.
Притчет вели дека потегот на Израел со спречувањето на меѓународните лица да влезат на територијата на Палестина е напор за изолирање на Палестинците од светот, и напор за прикривање на она што се случува таму.
Исто така, Притчет потсети дека минатиот август, на генералниот секретар на Евро-медитеранската опсерваторија за човекови права, Пем Бејли, од страна на израелските власти не му било дозволено да влезе во земјата. Таа додаде дека во изминатите години, вработените во канцелариите на ОН, како и активисти биле изложени на истите притисоци.
Притчет пренесе дека во текот на овој месец била одбиена и четиридневната посета на европратениците на Палестина и Израел од страна на израелските власти.
Во веста на весникот „Haaretz“ (Хаарец) објавен во Израел, наведени се изјавите на израелскиот министер за внатрешни работи и на министерот за внатрешна безбедност, Арие Махлуф Дери и Гилад Ердан, оти овие пратеници планирале да го посетат членот на Централниот совет на движењето Фатах, Мерван ел-Бергуси, кој од 2002 година се наоѓа во затвор, и поради оваа причина нема да им биде дозволено да влезат во Израел.