Ikrame Imane Kouachi
02 Март 2025•Ажурирај: 03 Март 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската влада го одобри нацрт-законот со кој ѝ се овозможува на армијата да повика дополнителни 400.000 резервисти поради одложувањето на почетокот на преговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот и размена на заробеници со Хамас во Газа, известува Анадолу.
Израелскиот телевизиски Канал 14 објави дека одлуката е донесена поради страв од обновување на борбите во Појасот Газа.
Според новата одлука, израелската армија до 29 мај ќе може да мобилизира до 400.000 резервни војници, што е зголемување за 80.000 војници во однос на претходната наредба со која се овластува максимална мобилизација на 320.000 резервни војници, наведе истиот извор.
„Оваа одлука доаѓа во услови на тековни предизвици во регрутирањето човечки ресурси за резервната служба“, наведуваат од телевизискиот Канал 14.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила на 19 јануари, официјално заврши во сабота на полноќ.
Меѓутоа, Израел не се согласи да премине во втората фаза од договорот за ставање крај на војната во Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обиде да ја продолжи почетната фаза од размената за да обезбеди ослободување на што е можно повеќе израелски заложници без да понуди нешто за возврат и без да ги исполни воените и хуманитарните обврски од договорот.
Палестинската група на отпорот Хамас одби да продолжи под овие услови, инсистирајќи Израел да ги почитува условите од прекинот на огнот и веднаш да ги започне преговорите за втората фаза, која вклучува целосно израелско повлекување од Газа и крај на војната.
Договорот за прекин на огнот ја запре израелската геноцидна војна во Газа, во која се убиени повеќе од 48.380 Палестинци, главно жени и деца, а енклавата остана во урнатини.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.