Rania R.a. Abushamala
26 Октомври 2023•Ажурирај: 27 Октомври 2023
КУДС (АА) – Израелската Армија објави дека бројот на израелски заложници во Газа се зголемил на 224, додека бројот на загинати војници од почетокот на војната на 7 октомври се искачил на 309, јавува Анадолу.
Даниел Хагари, портпаролот на израелската Армија, на прес-конференција рече: „Семејствата на 309 војници се известени, заедно со семејствата на 224 заложници.“
„Ќе продолжиме да извршуваме операции на теренот за лоцирање на заложниците и исчезнатите лица. Овој број може да се промени, а ние ќе се погрижиме семејствата на киднапираните и исчезнатите да бидат известувани“, порача тој.
Хагари истакна дека нападот на израелската војска во текот на ноќта во северниот дел на Газа е лимитирана операција.
„Израелските сили извршија целен напад изминатата ноќ како дел од нашите подготовки за следните фази од борбата. Оваа операција е насочена кон справување со заканите, неутрализирање на милитантите, отстранување експлозиви и елиминирање на потенцијалните заседи со цел да се олеснат следните фази,“ нагласи Хагари.
„Упадот траеше неколку часа, а нашите сили заминаа без никакви жртви“, додаде тој.
Конфликтот во Газа почна кога палестинската група Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал-Акса“, повеќестран ненадеен напад на 7 октомври, лансирања на ракети и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух.
Хамас соопшти дека нападот бил одмазда за упадите во џамијата Ал Акса и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Израелската војска потоа започна немилосрдно бомбардирање на позициите на Хамас во Појасот Газа.
Досега во конфликтот загинаа речиси 8.000 лица, најмалку 6.546 Палестинци и 1.400 Израелци.