Servet Günerigök
26 Октомври 2023•Ажурирај: 27 Октомври 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Најмалку 22 лица се убиени во вооружени напади на повеќе локации во американската сојузна држава Мејн доцна синоќа, јавува Анадолу.
Полицијата на сојузната држава Мејн издаде предупредување за „активен вооружен напаѓач“ во градот Луистон.
Напаѓачот целел кон неколку локации, меѓу кои и ресторан и куглана.
Ен-би-си њуз (NBC News) објави дека 50 до 60 луѓе се здобиле со повреди.
Канцеларијата на шерифот на округот Андроскогин сподели фотографија на лице вооружено со автоматска пушка.
Во меѓувреме, Луистон издаде наредба за засолнување и идентификуваше три области каде што полицијата вршеше истрага.
Полицискиот оддел во Луистон го идентификува напаѓачот како Роберт Кард (40).
Кард „е вооружен и опасен. Ве молиме контактирајте со органите за спроведување на законот ако знаете каде се наоѓа“, порачаа од полицијата.
Американскиот претседател Џо Бајден беше информиран и понудена е целосна поддршка во врска со „овој ужасен напад“ за време на разговорот со гувернерката на Мејн, Џенет Милс, сенаторите Ангус Кинг и Сузан Колинс и конгресменот Џаред Голден, соопшти Белата куќа.
Државните училишта во Луистон денес се затворени.
„Многу нешта се непознати во овој момент. Информациите се движат брзо, но не секогаш прецизно“, рече Џејк Ленглејс, одговорен за јавните училишта во Луистон.