Ekipa
04 Април 2025•Ажурирај: 06 Април 2025
ХАМА (АА) – Воени авиони на израелската армија изведоа воздушен напад врз воениот аеродром во Хама, Сирија, пренесува Анадолу.
Анадолу го сними уништувањето предизвикано од вчерашните израелски воздушни напади врз Хама.
Во средата, на каналот на гувернерот на Хама на Телеграм, објавено е дека израелските окупациски воени авиони извршиле над 15 воздушни напади врз воениот аеродром во Хама и неговата околина.
Се истакнува дека штетата е ограничена само на материјални загуби.
Израелската армија преку соопштение истакна дека извршила воздушни напади насочени кон „преостанатите воени капацитети во области во Хама и Т4 (воздухопловната база Тијас во Хомс, Централна Сирија), како и неколку останати воени инфраструктури во областа на Дамаск“.
Исто така, израелската армија започна копнена офанзива во Дара, Јужна Сирија, каде што загинале најмалку девет лица, според локалните власти.
По падот на режимот на Башар ал-Асад во декември Израел ја прошири својата окупација на сириската Голанска Висорамнина заземајќи ја демилитаризираната тампон-зона, потег со кој го прекрши договорот со Сирија за недејствување од 1974 година.
Израел, исто така, го искористи падот на режимот за да изврши стотици напади чија цел беа воени локации низ Сирија, како и борбени авиони, ракетни системи и постројки за противвоздушна одбрана, според извештаите.