Ahmet Gençtürk
04 Април 2025•Ажурирај: 06 Април 2025
АТИНА (АА) - НАТО останува суштински дел од европската одбрана, изјави денес шефицата за надворешни работи Каја Калас, јавува Анадолу.
„Секако, ЕУ и НАТО се природни партнери, како што мнозинството земји членки на ЕУ истовремено се и членки на НАТО. Нашата колективна одбрана се заснова врз НАТО“, изјави Калас во обраќањето пред новинарите вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
Повикувајќи се на изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој рече дека САД остануваат посветени на НАТО, но дека европските членки треба да вложуваат повеќе во одбраната, Калас истакна дека Белата книга за одбраната на ЕУ, претставена минатиот месец, има цел да го деблокира финансирањето и да овозможи поголеми инвестиции во одбранбените капацитети и соработката.
„На крајот ова ќе го направи НАТО посилен. Значи, овој план всушност оди рака под рака со целите за способност на НАТО. Им помага на земјите на НАТО, европските земји да ги исполнат своите цели за способност што ги имаме во НАТО. За возврат, цело НАТО го прави посилно, што е наша цел“, истакна Калас.
Белата книга, објавена од Европската комисија на 19 март, нуди решенија за надминување на критичните празнини во капацитетите и за градење силна одбранбена индустриска база во Европа.
Таа предлага начини како земјите членки на ЕУ да вложуваат повеќе во одбраната, да набавуваат одбранбени системи и да ја зголемат долгорочната подготвеност на европската одбранбена индустрија.