Lina Altawell
19 Јануари 2026•Ажурирај: 20 Јануари 2026
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Крајнодесничарскиот министер за финансии на Израел денес повика на откажување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, повикувајќи на присилно раселување на Палестинците и воспоставување израелски населби во енклавата, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Според планот на Трамп, на 10 октомври стапи во сила прекин на огнот, по разорната израелска војна во која, од октомври 2023 година наваму, убиени се повеќе од 71.000 Палестинци, главно жени и деца, а над 171.000 се повредени.
Смотрич говореше на церемонија по повод пуштање во употреба на населба на окупираниот Западен Брег, каде му се заблагодари на Трамп за, како што рече, „огромната поддршка за Израел“ и добрата волја, пренесе весникот „Хаарец“.
Тој му припиша заслуги на Трамп и за враќањето на израелските заложници од Газа, но истовремено оцени дека планот му штети на Израел и дека треба да биде повлечен.
„Газа е наша“, изјави Смотрич, лидер на ултрадесничарската партија Религиозен ционизам, тврдејќи дека иднината на територијата ќе има најголемо влијание врз Израел.
Тој повика Израел да воведе воена управа, што би значело окупација, и да ја „заврши мисијата“, објави „Хаарец“.
Смотрич, исто така, побара распуштање на заедничкиот цивилно-воен координациски центар со седиште во јужната израелска населба Кирјат Гат, кој ја надгледува примената на планот на Трамп.
Центарот беше формиран во октомври од страна на Американската централна команда (CENTCOM) и вклучува претставници од десетици земји и меѓународни организации.
Тој повика од командниот центар да бидат исклучени, како што ги нарече, „непријателски земји“, меѓу кои Египет и Велика Британија.
Израелскиот министер побара Хамас да се разоружа и да се повлече од Газа во краток рок, предупредувајќи дека, доколку тоа не се случи, Израел треба со целосна сила да ја нападне Газа и да го уништи Хамас „воено и цивилно“.
Смотрич, исто така, повика на повторно отворање на граничниот премин Рафа, кој Израел го контролира од палестинската страна, со или без согласност на Египет, како и да им се овозможи на жителите на Газа да ја напуштат територијата и да побараат иднина на друго место.
Израел беше основан во 1948 година на палестинска земја, а подоцна ги окупираше и преостанатите палестински територии. Последователните израелски влади ја отфрлаат можноста за повлекување и за воспоставување независна палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град.