Zein Khalil,Zeynep Tüfekci Gülay
29 Мај 2025•Ажурирај: 30 Мај 2025
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич ја критикуваше можноста за потпишување делумен договор за размена на заложници со палестинската група Хамас, велејќи дека тоа би било „глупаво“, пренесува Анадолу.
Смотрич во објава на Х напиша дека Хамас последните денови е под огромен притисок поради промените во начинот на дистрибуција на хуманитарната помош и губењето контрола над населението во Газа.
„Потребно е да продолжиме со стегање на јамката околу неговиот врат и да го принудиме да прифати целосна капитулација, со ослободување на сите заложници одеднаш“, напиша тој.
„Би било апсурдно и глупаво сега да се попушти притисокот и да се потпише делумен договор што би му дал кислород и можност да закрепне“, додаде Смотрич.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар одговори индиректно, без да го спомене Смотрич по име. Во својата објава Саар рече дека пред 11 дена Израел позитивно одговорил на американскиот предлог за ослободување заложници, но дека Хамас досега го одбивал.
„Сепак, додека постои шанса за ослободување на заложниците, таа треба да се искористи - тоа е волјата на огромното мнозинство од израелскиот народ. Треба да се постапува во согласност со националните интереси, а не врз основа на политички притисоци и закани“, нагласи Саар.
Претходно израелскиот јавен сервис КАН објави дека израелски функционери вклучени во индиректните преговори со Хамас зборуваат за „позитивен развој“ во однос на евентуален договор за прекин на огнот и размена на затвореници.
Телевизијата, повикувајќи се на неименувани официјални извори, јави дека наредните денови се „крајно критични“.
Според странски извори, доколку Израел покаже флексибилност во врска со завршувањето на војната, договорот може да се потпише веќе утре.
Хамас повеќепати понудил ослободување на сите израелски заробеници во замена за прекин на војната, повлекување на израелските трупи и ослободување на палестинските затвореници. Но премиерот Бенјамин Нетанјаху ги одбива овие услови и бара разоружување на палестинските групи, најавувајќи и повторна окупација на Газа.
Израел проценува дека во Газа се држат 58 заложници, а се верува дека 20 од нив се живи. Од друга страна, повеќе од 10.100 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори во тешки услови, според палестински и израелски организации за човекови права.
Израелската опозиција и семејствата на заложниците го обвинуваат Нетанјаху дека ја продолжува војната за да ги задоволи крајно десничарските партнери и да остане на власт.
Израелската армија, игнорирајќи ги меѓународните повици за примирје, од октомври 2023 година води жестока офанзива против Појасот Газа, во која се убиени над 54.000 Палестинци, најголем дел жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Против Израел се води и постапка за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за злосторства врз цивилите во енклавата.