Mustafa Deveci
06 Август 2018•Ажурирај: 07 Август 2018
ЕРУСАЛИМ (AA) – Израелските војници на окупираниот Западен брег приведоа новинар соработник на „ТРТ Арапски“, Палестинецот Ибрахим Рантиси. Рантиси е шести палестински новинар што израелските сили го привеле во последните седум дена, јавува Anadolu Agency (AA).
Неговиот брат Фахри Рантиси изјави дека израелските војници го привеле Ибрахим во куќа во близина на Рамала.
Додаде дека израелските сили пред приведувањето ја претресле куќата на неговиот брат.
Израелските сили минатиот понеделник во Рамала приведоа четворица палестински новинари кои работат како соработници за телевизискиот канал „Ал-Кудс“. Исто така, на први август во местото Завата, кое му припаѓа на Наблус, приведен е новинарот на новинската агенција „Кудс Прес“.
Комитетот за поддршка на новинарите кој го сочинуваат новинари и писатели од арапскиот свет, на почетокот од овој месец соопшти дека во израелските затвори се наоѓаат 27 палестински новинари. Меѓу нив се двајца со нарушена здравствена состојба, а пет од нив се во административен притвор.
Податоците на Здружението на палестинските затвореници покажуваат дека во израелските затвори се наоѓаат околу 6.000 Палестинци, од кои 513 се осудени на доживотен затвор.