Kasım İleri
06 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
ВАШИНГТОН (AA) – „Соединетите Американски Држави (САД) денеска ќе започнат со имплементација на првиот пакет санкции кон Иран“, изјави американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео со новинарите разговараше во текот на враќањето од посетата на азиските земји.
Тој изјави дека Белата куќа денеска ќе ги објави деталите за воспоставувањето санкции кон Иран.
„САД ќе ги применат овие санкции. Тие се важен дел од нашите напори против злонамерните активности на Иран“, рече Помпео.
Тој додаде дека американската администрација е подготвена да седне на маса со Техеран, но дека Иран пред тоа треба да воведе значителни промени во својата политика.
Американскиот министер ја нарече иранската администрација „лош актер“, порачувајќи дека „Иран мора да се однесува како нормална земја“.
Претходно, Министерството за трезор на САД соопшти дека имплементацијата на првиот пакет санкции кон Иран ќе започне на 6 август, а имплементацијата на вториот пакет на 4 ноември.