Muhammet Nazım Taşcı
20 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индискиот премиер, Нарендра Моди, во изјавата дадена по судирот на границата меѓу Кина и индиските трупи, што резултираше со смрт на 20 индиски војници, истакна дека кинеските трупи не влегле на индиска територија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на средбата со лидерите на партиите во земјата одржана доцна синоќа преку видеоконференција, Моди на лидерите од опозицијата им порача дека границите на Индија се безбедни и дека Војската може да се брани.
Истакнувајќи дека кинеските трупи не влегле на територијата на Индија и дека не е заземен ниту еден безбедносен пункт, Моди рече дека на вооружените сили им е дадено целосно овластување да ги преземат неопходните чекори.
Тој посочи дека Индија го зголемила капацитетот за патролирање покрај контролната линија, и дека целата земја е лута поради чекорот што го презела Кина.
Изразувајќи дека Индија сака мир и пријателство, Моди рече дека најзначајна е одбраната на суверенитетот на земјата.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Џао Лиџјиан, во вчерашната изјава рече дека вечерта на 15 јуни индиските трупи влегле на кинеска територија за „намерна провокација“.
„Од април годинава, индиските гранични трупи еднострано изградија патишта, мостови и различни објекти во долината Галван“, нагласи Џао.