Satuk Buğra Kutlugün
27 Декември 2018•Ажурирај: 27 Декември 2018
КАРИТА (АА) - Индонезиските власти денес го покренаа нивото на опасност од вулканот Анак Кракатау, по цунамито предизвикано од ерупција минатиот викенд, во кое загинаа 430 лица, а 159 се водат за исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата за вулканологија и геолошки катастрофи соопшти дека нивото на предупредување за планината Анак Кракатау е подигнато на Ниво 3, еден степен под највисокото ниво. Летовите околу вулканот се исто така пренасочени.
Ерупцијата на вулканот во саботата околу 9:30 часот по локално време предизвика паѓање на дел од кратерот во океанот, предизвикувајќи бранови високи и до 5 метри кон крајбрежјето на Сундскиот Теснец.
Стотици домови, продавници и бродови се уништени.
Индонезија лежи во т.н. „Огнен прстен“ во Тихиот Океан, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
Во септември, земјотрес со јачина од 7,4 степени го погоди островот Сулавеси , предизвикувајќи цунами, чии бранови достигнаа височина од 3 метри и во кое животот го загубија над 2.000 луѓе.
Турската хуманитарна фондација ИХХ беше една од првите кои стигна до погодените веднаш по земјотресот и цунамито.
На 26 декември 2004 година, земјотрес со јачина од 9,1 степен го погоди источниот брег на Суматра, предизвикувајќи цунами во кое загинаа околу 230.000 луѓе. Цунамито стигна и до бреговите на Шри Ланка, Индија, Малезија, Индонезија и Тајланд.