Mohamed Majed,Zeynep Tüfekci Gülay
19 Септември 2025•Ажурирај: 19 Септември 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Интернетот и фиксната телефонска линија во Појасот Газа се повторно воспоставени по дводневниот прекин предизвикан од израелските напади врз инфраструктурата во градот, соопштија палестинските власти, јавува Анадолу.
Палестинската новинска агенција Вафа ја пренесе изјавата на Палестинската телекомуникациска компанија (Палтел), според која тимовите на терен, и покрај опасните услови, успеале да ги обноват услугите во Газа и во северните губернии.
Во средата, Палестинската регулаторна агенција за телекомуникации информираше дека поради тековните израелски напади и оштетувањата на голем број главни патишта, фиксната интернет и комуникациска мрежа била во прекин во северна Газа и во градот Газа.
Овие прекини, кои најчесто траат со часови или денови, ја изолираат целата енклава од надворешниот свет и директно ги погодуваат клучните сектори кои функционираат со минимален капацитет – цивилната заштита, итната помош и болниците. Дополнително, прекините ја отежнуваат распределбата на хуманитарна помош и целосно го парализираат секојдневниот живот.
Израел повеќепати намерно ги прекинува комуникациските и интернет-мрежи во Газа за подолги периоди во рамките на својата воена кампања, што трае речиси две години.
И покрај осудите од Обединетите нации и организациите за човекови права, кои ја нарекоа оваа политика „опасна и неморална“, Израел продолжува со практиката, во спротивност со меѓународното право.
Според Евро-медитеранскиот монитор за човекови права, од почетокот на израелските напади во октомври 2023 година досега се документирани повеќе од 12 целосни прекини на комуникациите и интернетот во Газа.
Организацијата истакна дека оваа политика е „систематска, насочена кон изолирање на Газа од остатокот од светот и прикривање на злосторствата што ги извршува Израел“.