Ekipa
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
БАГДАД (АА) - Седумнаесет лица загинаа вчера во самоубиствен бомбашки напад на јавниот пазар во ирачката северна покраина Саладин и во четири бомбашки напади во Багдад, соопштуваат локални полициски извори, јавува Anadolu Agency (AA).
Муханад ал Самараи, полицискиот полковник во Саладин, за АА изјави дека билансот од бомбашкиот напад на пазарот во областа Дуџаил, Саладин, 120 километри јужно од покраинскиот град Тикрит e 10 загинати и 21 повредено лице .
Дуџаил е област со шиитско мнозинство на жители, каде поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин доживеа обид за атентат во 1980 година.
Во меѓувреме во Багдад, бригадниот генерал на полицијата, Назим ал Замили, изјави дека седум лица загинале истиот ден кога четири експлозивни направи експлодирале во различни делови од градот.
Тој за АА изјави дека 22 лица се повредени во бомбашките напади кои се случија во соседствата Ал-Винда, Ал-Мадаин, Ал-Нахраон и Ал-Тармија во Багдад.
Досега ниедна група ја нема презедено одговорноста за четирите бомбашки напади во Багдад и бомбашкиот напад во покраината Саладин.
Ирачките власти соопштија дека минатиот четврток уапсиле неколку членови на „терористичките групи” одговорни за смртоносните напади на цивили и воени лица во Багдад.