Ekipa
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
КАБУЛ (АА) - Лидерот на авганистанските талибанци, Мула Актар Мансур, е убиен во напад на американско беспилотно летало, потврди Авганистанската разузнавачка агенција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Националната дирекција за безбедност изјави дека Мансур бил убиен во саботата во провинцијата Балуџистан, во југозападниот дел на Пакистан.
„Нападот се случил на магистралниот пат, додека Мансур бил во возилото”, велат од дирекцијата.
Од Кабинетот на претседателот на Авганистан, Ашраф Гани, го потврдија извршениот напад но не потврдија и за смртта на Mансур.
Американскиот државен секретар, Џон Кери, кој денес престојува во официјална посета на Мјанмар, изјави дека Мансур е убиен бидејќи бил закана за американските сили, авганистанските цивили и мировните преговори.
„Мансур беше директна закана за американските војници, авганистанските цивили и безбедносните сили. Мирот е она што го сакаме, а Мансур беше закана за таквите напори. Директно се спротивставуваше на мировните преговори и помирувањето”, рече Кери.