Ekipa
22 Мај 2016•Ажурирај: 23 Мај 2016
ХЕБРОН (АА) - Во екслузивно интервју за АА, Мухамед ал-Кик, 33-годишниот палестински новинар кој водеше 94-дневен штрајк со глад за време на неговиот притвор во Израел и кој конечно беше ослободен минатата недела - ги повика другите затвореници да се спротивстават на израелската неправедна политика на притвор, јавува Anadolu Agency (АА).
„Тоа беше горчливо искуство, но ме научи да ги бранам моите права и мојата слобода во лицето на израелската окупација”, изјави Ал-Кик за АА, чија што изјава се однесуваше на неговото долго време зад решетки и неговиот штрајк долг со месеци.
Тој изјави дека палестинските политички затвореници ќе продолжат со нивната „војна на штрајк со глад” сè додека израелската политика на „административен притвор” не се укине.
Во рамките на административниот притвор, затворениците можат да бидат задржани до година дена без судење.
„Нашиот штрајк со глад ја прекина ароганцијата на Израел и ни покажа дека вербата во праведноста на нашата кауза ќе не доведе до победа”, изјави Ал-Кик.
Тој додаде дека палестинските затвореници ќе продолжат да се спротиставуваат, сè додека не ги добијат своите легитимни права.
Ал-Кик го започна својот штрајк со гладување на 24-ти ноември минатата година, три дена откако беше уапсен од страна на израелските власти поради наводно „поттикнување”.
Триесет и тригодишниот Палестинец конечно неодамна го заврши својот штрајк со глад - по 94 дена - откако беше постигнат договор да се ослободи од затвор на 19-ти мај.
Над 7.000 Палестинци во моментов страадат во затворите низ Израел, од кои 750 се задржани во административен притвор, според службените палестински податоци.
- Солидарност -
„Израелската окупација на секаков начин се обиде да го укине мојот штрајк со глад ” , изјави Ал-Кик, „но секако не успеа во тоа”.
Тој го повика палестинскиот народ да го поддржи во неговиот повеќемесечен штрајк со глад.
„Популарната солидарност одигра значајна улога за израелските власти да го потпишат договорот за мое ослободување”, изјави тој.
Кога го уапсија, Ал-Кик кој е со потекло од селото Дура во близина на Западниот брег на градот Хеброн, живееше во Рамала, каде работеше за телевизијата 'Al-Majd' - популарен канал на арапски јазик.
„Наскоро ќе се вратам на работа како новинар и својата улога ќе ја вратам откривајќи ги злосторствата на израелската окупација против палестинскиот народ ”, изјави тој.
Тој тврдеше дека Израел стравува од палестинските новинари да не ги откријат злосторствата на еврејската држава.
„Израел изврши напади на ТВ канали и уапси десетици репортери - но никогаш нема да ги замолчи Палестинските новинари ”, изјави ал Кик.
Фајха Шалаш, 29-годишната сопруга на Ал-Кик, за АА изјави дека најважно е сега тоа што Мухамед се вратил кај своето семејство и своите луѓе.
„Поминавме низ тешки денови, но отсекогаш знаевме дека Мухамед ќе биде ослободен од затвор, порано или подоцна”, изјави таа.
„Мухамед стана симбол на достоинство и амбасадор за слобода на целиот свет”, изјави Шалаш.