Ekip
14 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
БАГДАД
Извршен е напад со беспилотно летало врз базата во главниот ирачки град Багдад во кој се наоѓаат американски и странски војници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван полициски службеник соопшти дека со беспилотното летало е фрлена експлозивна направа и дека паднала во непосредна близина на базата во комплексот на Меѓународниот аеродром во Багдад.
Според првите информации немаше настрадани, а никој не презеде одговорност за нападот.
Истата база и во среда беше мета на троен напад со беспилотни летала. Ни тогаш никој не настрада.
Ирачките бази во кои се наоѓаат американските војници во уште неколку наврати беа мета на нападите. Властите на САД за тие напади ги обвинуваат вооружените групи поврзани со Иран.
Моментално во Ирак се наоѓаат околу 3.000 припадници на странските вооружени сили, вклучувајќи 2.500 американски војници.