İdris Okuducu
23 Март 2017•Ажурирај: 24 Март 2017
МОСУЛ (AA) - Најмалку четириесет и двајца цивили се заробени под урнатините на зградата што коалициските воздушни сили ја погодија по грешка во нападот на позициите на терористите од ДЕАШ во западниот дел на Мосул, јавува Anadolu Agency (AA).
Капетанот на ирачката војска, Џабар Хусеин, за АА изјави дека ирачките сили започнаа акција за извлекување на цивилите кои за време на вчерашните воздушни напади беа заробени под урнатините на зградата во квартот Ал Џадиде.
„Ирачката војска стигна до урнатините. Локалните жители ни кажаа дека под урнатините на една куќа се наоѓаат 35 цивили, воглавно жени и деца. Под урнатините на друга зграда има уште седум лица“, изјави Хусеин.
Хусеин исто така вели дека чистењето и деминирањето на ослободените квартови во западниот дел од Мосул е отежнато поради артилериските напади што терористите од ДЕАШ ги извршуваат на подрачјата од кои се повлекуваат.
Ахмед aл-Хазраји, капетан на ирачката војска, вчера соопшти дека најмалку 43 цивили се убиени по грешка во западниот дел на Мосул, во нападите на воздушните сили на меѓународната коалиција предводена од САД.
Од летото 2014 година, терористите на ДЕАШ го контролираат вториот најголем ирачки град Мосул. По тримесечни операции, во јануари, здружените ирачки сили со поддршка на меѓународната коалиција го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19 февруари започна операцијата за ослободување на центарот на градот, кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.