Ekip
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
ТЕХЕРАН
Иран денес ги демантираше наводите дека украински авион е киднапиран од Авганистан и дека потоа тргнал кон Техеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рано утринава, руската новинска агенција ТАСС го цитираше украинскиот заменик-министер за надворешни работи, Евгениј Јенин, кој изјави дека непознати лица киднапирале авион од Кабул, што требало да ги евакуира украинските граѓани од главниот град на Авганистан, и дека потоа бил упатен кон Иран.
Портпаролот на иранската Управа за цивилно воздухопловство, Мохамад Хасан Зибахш, ги отфрли обвинувањата и рече дека украинскиот авион бил дополнет со гориво на аеродромот „Машхад“ во североисточниот дел од земјата и дека одлетал за Киев.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, исто така, го негираше киднапирањето и рече дека Јенин генерално ги објаснува тешкотиите со кои дипломатите треба да се соочат при евакуација на Украинците.
По заземањето на Кабул на 15 август, талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, а претседателот и високите функционери ја напуштија земјата.
Многу Авганистанци оттогаш одлучија да побегнат, вклучително и цивилите кои им помагаа на странските војници или групи и сега се плашат од одмаздата на талибанците.