Ahmet Dursun
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
АНКАРА (АА) – Иран одговори на тврдењето на американската администрација дека ќе испрати стотици беспилотни летала, вклучително и вооружени, во Русија, за војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насир Кенани, истакна дека ставот на Техеран против војната во Украина е јасен и дека овој став официјално го има изјавено повеќе пати.
Во врска со тврдењето дека Иран ќе испрати оружје во Русија за да се користи во војната во Украина, портпаролот Кенани рече: „Соработката меѓу Иран и Русија на полето на новите технологии ѝ претходи на војната во Украина и на таа тема нема нов развој во последно време.“
Кенани во својата изјава ги обвини „САД и некои европски земји дека со разни смртоносни оружја поддржуваат некои агресивни и напаѓачки земји, особено Израел“.
Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, во вчерашната изјава во Белата куќа рече дека има разузнавачки информации дека Иран наскоро ќе испрати стотици беспилотни летала, вклучително и вооружени, во Москва, што ќе се користат во војната во Украина.
Саливан исто така додаде дека за руските војници ќе се обезбеди обука за беспилотните летала.