Ekipa
24 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
ТЕХЕРАН (АА) - Иран денеска ја отфрли Резолуцијата на Советот за човекови права на ОН (UNHRC), продолжувајќи го мандатот на специјалниот известувач за состојбата со човековите права во Исламската Република, велејќи дека Резолуцијата нема „меѓународен легитимитет и консензус“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Телото за човекови права на ОН вчера ја усвои Резолуцијата со 21 наспроти 12 гласа и 14 воздржани за продолжување на мандатот на специјалниот известувач за уште една година.
„Она што се случи во последните 10 години (од март 2011 година) во резолуциите на УНХРЦ, е практично еднострано обвинување од страна на основачите на Резолуцијата и поддржувачите на агендата на специјалниот известувач против Иран“, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Саед Хатибзадех
„Специјалниот известувач би требало да го достави извештајот за спроведувањето на мандатот до Советот на 49. седница и до Генералното собрание на ОН на 76. седница“, се вели во соопштението на УНХРЦ.
Советот, исто така, го повика Техеран „да соработува целосно со специјалниот известувач, да дозволи пристап до посета на земјата и да ги обезбеди сите потребни информации за да се овозможи исполнување на мандатот“.
Хатибзадех рече дека извештаите на специјалниот известувач на УНХРЦ „не се однесуваат на смртта на десетици невини деца и стотици пациенти како последица на тешкиот пристап до лекови и медицинска опрема“, во врска со санкциите на САД.
„Земјите кои ги кршат правата на другите нации не можат да бидат во позиција на барател или судија за состојбата со човековите права во една земја, но тие мора да одговараат за своите злосторства во грубото кршење на човековите права“, рече тој.
УНХРЦ во март 2011 година усвои резолуција за повторно воспоставување на мандатот на специјалниот известувач за состојбата со човековите права во Иран, по девет години пауза.