Şeyma Uzundere
24 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
АНКАРА (АА) - Воената хунта во Мјанмар ослободи 628 лица уапсени за време на протестите против пучот во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Веста за ослободувањето на 628 демонстранти ја објави државната телевизија, а и очевидци потврдија дека од озлогласениот затвор „Инсеин“ во Јангон ослободени се стотици демонстранти, претежно студенти.
Неименуван адвокат рече дека ослободените демонстранти се уапсени на протестите одржани на 3 март.
Мјанмарската војска изврши воен удар на 1 февруари годинава и ја презеде власта во земјата под изговор дека изборите, кои се одржаа во ноември, биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, меѓу кои и лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи. Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари. Во репресивните интервенции на војската во текот на протестите убиени се најмалку 275, а скоро 2.500 демонстранти во земјата беа уапсени.
Обединетите нации (ОН), Европската Униј (ЕУ) и голем број земји, меѓу кои и Турција, САД, Канада и Велика Британија, најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.