Ahmet Dursun
19 Јули 2022•Ажурирај: 20 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Емир Абдулахијан, истакна дека неговата земја е подготвена за силен и траен договор за преговорите за нуклеарната програма, но нагласи дека американската администрација „мора да преземе чекори кон постигнување решение и постигнување договор на вистински начин“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на иранското МНР, Абдулахијан и високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ) Жозеп Борел оствариле телефонски разговор.
Абдулахијан, истакнувајќи дека тие се подготвени за постигнување на добар договор во нуклеарните преговори, рече: „Нема сомнеж во волјата на иранската Влада да се постигне добар, силен и траен договор.“
„Белата куќа треба да ги остави настрана своите прекумерни барања и сомнежи и да преземе чекори кон постигнување решение и договор на вистински начин и да престане да прибегнува кон санкции“, нагласи Абдулахијан.
Укажувајќи на трипартитниот самит што ќе се одржи денеска во Техеран меѓу лидерите на Иран, Туркије и Русија, Абдулахијан го истакна значењето што неговата земја што го придава на глобалната обезбеденост со храна и енергија.
Потсетувајќи дека прашањето за обезбеденоста со храна било разговарано на неговата последна средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, Абдулахијан додаде дека олеснувањето на извозот на украинското жито е од големо значење.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жосеп Борел, ги поздрави напорите на Иран за нуклеарниот договор.
Наведувајќи дека тој и неговиот заменик Енрике Мора работат на забрзување на процесот за договор преку комуникација и консултации со сите страни, Борел рече: „Верувам дека напорите кои траат со месеци треба да дадат резултати. Ќе продолжам да работам за зближување на погледите на Иран и САД и за постигнување на договор.“