İdiris Okuduci
14 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
Министерот за надворешни работи на Иран, Хусеин Емир Абдулахијан, истакна дека неговата земја е подготвена за нормализирање на дипломатските односи со Саудиска Арабија, но тврди дека администрацијата на Ријад сè уште не е подготвена за тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдулахијан даде изјава за медиумите по неговите средби во рамки на посетата на либанскиот главен град Бејрут.
Тој се осврна на преговорите одржани во ирачкиот главен град Багдад за повторно воспоставување на дипломатксите односи меѓу неговата земја и Саудиска Арабија.
„Досега во Багдад одржавме 5 средби со Саудиска Арабија. Подготвени сме да ги нормализираме дипломатските односи“, рече тој.
„Постигнат е напредок во преговорите што Техеран ги одржува со Ријад во Багдад. Но, Саудиска Арабија сè уште не е подготвена за нормализирање на односите со Иран“, додаде Абдулахијан.
Шефот на иранската дипломатија нагласи дека на преговорите во Багдад не се разговара само за билатералните односи, туку и за безбедносните прашања меѓу Техеран и Ријад.