Ahmet Dursun,Ali Makram Ghareeb
28 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
АНКАРА
Иран објави дека штабовите на организациите Комеле, ИКДП и ПАК во северен Ирак биле погодени со проектили и беспилотни летала, известува Агенција Анадолија (АА).
„Армијата на Револуционерната гарда за цел зеде голем број штабови на сепаратистичките терористи со проектили и беспилотни летала камикази во северен Ирак“, објави иранската државна телевизија.
Во веста се наведува дека претставници на војската ќе дадат информации во врска со нападот.
Полуофицијалната Новинска агенција „Тесним“ (Tesnim), објави дека главните штабови на организациите Комеле, ИКДП и ПАК во северен Ирак, покрај со проектилите на Армијата на Револуционерната гарда, биле погодени и од вооружени беспилотни летала и беспилотни летала камикази.
‒ Соопштенија од „Комеле“ и ИКДП
Абдула Мухтеди, генерален секретар на партијата Комеле, на својот профил на социјалните мрежи објави дека нивниот штаб во Сулејманија бил нападнат од беспилотни летала кои ѝ припаѓаат на Иранската армија.
Претседателот на Иранската демократска партија на Курдистан (ИКДП), Хусеин Јаџан, за медиумите изјави дека биле нападнати нивните штабови во местото Алтунќопру во регионот на Киркук и во подрачјето Којсанџак во регионот Ербил.
Јаџан изјави дека има ранети во нападот извршен врз нивното седиште во близина на местото Алтунќопру.
‒ Трет напад во текот на оваа недела
Ова е трет напад оваа недела спроведен врз седиштата на организации во северен Ирак кои се против Владата во Техеран.
На 24 септември, Иран со артилериски оган ги погоди штабовите на „Комеле“ и ИКДП во северен Ирак.
Во Иран, каде што во тек се протести кои започнаа по смртта на Махса Емини, Армијата на Револуционерната гарда ги обвини Комеле и ИКДП дека испраќаат вооружени групи и големи количества оружје во пограничните региони на земјата со цел да предизвикаат хаос. Претходниот ден Иран ги нападна позициите на предметните групи.
Комеле, ИКДП и ПАК, кои Иран ги смета за „терористички организации“, со години се засолнуваат во кампови во областите под контрола на Регионалната влада на ирачките Курди.