Ekipa
17 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Тројца ирански дипломати пристигнаа во Саудиска Арабија за прв пат по шест години за да ја претстават мисијата на Техеран во Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) во Џеда, објави иранската државна телевизија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тројца ирански дипломати пристигнаа во Џеда за да ја започнат својата работа во ОИЦ“, соопшти на прес-конференција портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саед Хатибзадех.
Портпаролот рече дека Техеран е подготвен повторно да ја отвори својата амбасада во Ријад, но, сепак, додаде дека таквиот чекор „зависи од тоа какви практични мерки ќе преземе саудиската страна“.
Иран и Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските односи во јануари 2016 година по нападот врз Амбасадата на Саудиска Арабија во Техеран откако шиитскиот свештеник Нимр ал Нимр беше погубен од саудиските власти.
Односите помеѓу двата ривали дополнително се влошија откако Иран во септември 2016 година ги обвини саудиските власти дека намерно ја предизвикале смртта на околу 400 ирански аџии во стампедото во 2015 година во светиот муслимански град Мека.
Двете страни оттогаш се вклучени во силно регионално ривалство, често обвинувајќи се меѓусебно дека водат прокси војна за регионално влијание.
Двете земји, сепак, одржаа неколку рунди разговори со посредство на Ирак во последните месеци во обид да ги нормализираат односите и да ги решат разликите.