Ahmet Dursun
19 Јули 2022•Ажурирај: 20 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Техеран претставува важен чекор во односите на двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Раиси зборуваше на заедничката прес-конференција со претседателот Ердоган по 7-от состанок на турско-иранскиот Совет за соработка на високо ниво во палатата Садабад.
Тој соопшти дека во текот на состанокот разговарале околу прашањата за вложувањето и развојот на економските односи помеѓу Туркије и Иран, додавајќи дека посетата на турскиот претседател Ердоган претставува важен чекор во односите помеѓу двете земји.
„Моменталното ниво на трговско-економските односи помеѓу двете земји дефинитивно не е доволно со оглед на постоечките капацитети и може да се подигне на повисоко ниво. Утврдивме обем на трговија од 30 милијарди долари помеѓу двете земји. Тоа значи тројно зголемување на обемот на нашата трговија“, порача Раиси.
Истакнувајќи дека развојот на инвестициските прашања ќе придонесе за зголемување на трговијата помеѓу двете земји, Раиси додаде:
„Основањето заеднички индустриски компании на двете земји е едно од прашањата околу кои денеска се договоривме.“
Исто така, Раиси напомена дека соработката на Туркије и Иран во областа на безбедноста е многу важна.
„Борбата против тероризмот, дрогата и организираниот криминал беше една од темите што ги истакнавме во разговорите. За да се обезбеди безбедност на границите, мора да се бориме против тероризмот. Терористичките организации можат да имаат различни називи, но оние кои ја загрозуваат безбедноста на нашите народи и граници се терористи и ние го нагласивме тоа на нашите состаноци. Ја отфрливме разликата на Западот помеѓу терористите и нивните двојни стандарди по ова прашање и нагласивме дека против тероризмот треба да се бориме без оглед на неговото име за да се осигури безбедноста на двете земји“, истакна Раиси.
Иранскиот претседател порача дека двете земји се согласуваат околу зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија.