Haydar Karaalp
31 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
БАГДАД
(АА) - Поддржувачите на шиитските милициски сили во Ирак „Хашди Шаби“, што се собраа пред Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Багдад, влегоа внатре во Амбасадата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите ја скршија вратата на американската Амбасада, што се наоѓа во зоната во Багдад наречена „Зелена зона“, каде што се наоѓаат владините згради.
Ирачките демонстранти извикувајќи пароли против САД влегоа во оваа амбасада.

Стотици лица се собраа пред Амбасадата на САД во Багдад во знак на протест поради нападот на администрацијата на САД против бригадите на Хезболах при Хашди Шаби.
Демонстрантите пред да влезат во американската Амбасада, го запалија ѕидот на оваа амбасада.
Според локалните медиуми, американските дипломати се евакуирани од Амбасадата.
- Нападот на САД врз бригадите на Хезболах
Американскиот Стејт департмент пред извесно време соопшти дека како одговор на нападот врз американските дипломати, биле извршени воздушни напади врз вкупно 5 бази на бригадите на Хезболах во Ирак и Сирија.
Од друга страна, Министерството за одбрана на Ирак нагласи дека САД извршиле три напади врз две позиции на оваа организација во подрачјата на Ел Харш и Селум, кои се наоѓаат во ирачката покраина Анбар.
Меѓу другото, ирачкото Министерството за здравство претходно соопшти дека во нападите врз базите на бригадите на Хезболах при единиците Хашди Шаби во Анбар загинале 28, а повредени биле 48 лица.