Emre Gürkan Abay
31 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
МОСКВА (АА) - Претседателот на Управниот одбор на „Гаспром“, Алексеј Милер, соопшти дека Украина и Русија потпишале договор за продолжување на договорот за транзитна испорака на природен гас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милер даде изјава за новинарите по преговорите меѓу руските и украинските власти, кои веќе пет дена траат во австрискиот главен град, Виена.
Тој нагласи дека по овие средби, постигнати се конечни одлуки во врска со договорот за природен гас меѓу Русија и Украина.
„Потпишани се бројни договори меѓу Русија и Украина. Овие договори се голем пакет на договори преку кои повторно ќе се воспостави баланс во врска со интересите на страните“, додаде Милер.
Тој истакна дека договорите за кои станува збор го вклучуваат и продолжувањето на договорот за транзитна испорака на природниот гас меѓу Русија и Украина.
„Почнувајќи од денес, овие договори стануваат легални, и од 31 декември 2019 година ја овозможуваат испораката на рускиот гас преку Украина“, рече тој.
Од друга страна, украинскиот претседател, Владимир Зеленски, на социјалните мрежи нагласи дека овој договор е петгодишен договор, и дека во овој период очекуваат приходи од над 7 милијарди долари.
„Задржани се правата на двете страни за продолжување на договорот за 10 години. Според договорот, преку Украина во првата година ќе се врши испорака на природен гас од 65 милијарди метри кубни, додека во наредниот период годишно од 40 милијарди метри кубни“, истакна Зеленски.