Ramazan Turgut,Furkan Güldemir
09 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
РИЈАД (АА) - Со заедничка декларација на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАР), Бахреин и Египет, 59 лица и 12 хуманитарни организации поддржани од Катар се ставени на „терористичка листа“, поради наводна поврзаност со тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Саудиската новинска агенција SPA (СПА) објави дека на терористичката листа се ставени 59 имиња од девет земји, меѓу кои и египетскиот научник Јусуф ел Карадави, претседател на Светската унија на исламски научници (IUMS). Освен тоа за „терористички“ се прогласени и 12 хуманитарни организации.
Во заедничката декларација е наведено дека Доха не го сторила тоа што ја следувало кога станува збор за борбата против тероризмот и екстремизмот, и спречување во финансирање на тероризмот. Исто така, нагласено е дека Катар и покрај многубројните предупредувања ги занемарил договорите од 2013 и 2014 година, потпишани во Ријад, а се однесуваат на борбата против тероризмот.
Меѓу организациите поддржани од Катар што се ставени на „терористичката листа“ се наоѓаат шест од Бахреин, пет од Катар и една од Либија. Покрај Ел Карадави, меѓу 59 „имиња на терористи“ се наоѓа и поранешниот катарски министер за внатрешни работи Абдулах бин Халид Aл-Тани.
На листата се наоѓаат 26 имиња од Египет, 18 од Катар, пет од Либија, три од Кувајт, по две од Јордан и од Бахреин, и по едно лице од Саудиска Арабија, Јемен и од ОАР.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАР), Египет, Бахреин и Јемен во понеделникот соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски врски со Катар, земја којашто ја товарат за дестабилизација на регионот.
Саудиска Арабија, ОАР и Бахреин го затворија својот воздушен простор за Катар и наредија дипломатите на Катар да ги напуштат тие земји во рок од 48 часа.
Властите на Јордан, исто така се придружија на Саудиска Арабија и другите земји, и најавија деградација на дипломатските односи со Катар.