Büşra Selvi Öğütcen
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Истражувањето на неколку американски универзитети покажа дека имиграцијата не е поврзана со зголемениот криминал во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето го спроведоа научниците од Универзитетот „Бафало“ во сојузната американска држава Њујорк, а придонес дадоа и универзитетите „Алабама“, „Кенесу“ и „Џорџија“, како и независни истражувачи.
„Истражувањето додаде цврсти и поткрепени докази дека не постои врска меѓу имиграцијата и злосторствата извршени во големите американски градови. Резултатите со кои располагаме покажуваат дека имиграцијата не го зголемува процентот на криминалот, токму спротивно, на подрачјата каде што миграциите се чести, кражбите и убиствата се помалку забележани“, изјави Роберт Аделман од Одделот за социјологија на Универзитетот „Бафало“.
Аделман изјави дека резултатите не ги поддржуваат политичките ставови дека имигрантите го предизвикуваат порастот на криминалот.
Тој додаде дека претходните истражувања се темелат на податоците за криминални активности, а приведувањата покажуваат дека лицата родени во САД повеќе учествуваат во криминал отколку оние кои се родени во странство, а дошле на американското тло.
Тој истакна дека не тврдат оти имигрантите никогаш не учествуваат во криминал, туку дека во заедниците кои доживеале демографска промена не е забележан значително голем процент на криминал.
Аделман изјави дека имигрантите генерално имаат позитивен придонес на економскиот и на општествениот живот во САД.
Истражувањето е објавено на интернет-страницата „Сајанс дејли“, а користени се податоци од Федералното истражно биро (ФБИ) за криминалните активности во периодот 1970-2010 година.