Ekip
26 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
ПЕНЕ (AA) - Вкупниот број на загинатите во хотелот во централна Италија што минатата недела беше затрупан од снежна лавина се зголеми на 29 откако италијанските спасувачки служби ги пронајдоа преостанатите тела на лицата исчезнати во несреќата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Противожарната служба рано утринава објави дека од хотелот затрупан со лавина се извлечени телата на сите настрадани.
Спасувачите досега извлекоа 11 преживеани. Спасените 11 лица во моментите кога се урна лавината врз хотелот се наоѓале на повисоките катови, па спасувачите до нив успеаја да дојдат 40 часа по лавината.
Премиерот на Италија, Паоло Џентилони зборуваше за катастрофата при обраќањето во италијанскиот Сенат и во таа пригода истакна дека државата ги активирала сите капацитети, но и дека владата е подготвена за истрага за евентуалните сторени пропусти.
Џентилони најави дека Владата на Италија издвоила четири милиони евра за санирање на штетата во тој регион, и додаде дека очекува помош и од Европската комисија во тој контекст.
Италијанските обвинители наведуваат дека резултатите од обдукцијата на првите шест жртви покажале дека поголемиот дел од нив починале од почетна физичка траума, а кај некои се воочени знаци на хипотермија и задушување.
Непосредно пред лавината што на 18 јануари го затрупа хотелот во националниот парк Гран Сасо, во овој италијански регион се случија неколку земјотреси, а раководството на хотелот ги предупредило гостите дека би требало да го напуштат подрачјето. Од надлежните власти со службен допис побарале помош во отворањето на патиштата за евакуација на гостите.
Се проценува дека товарот што го затрупа хотелот тежи колку 4.000 натоварени шлепери.