Ekipa
09 Август 2019•Ажурирај: 11 Август 2019
МИЛАНО
Министерот за внатрешни работи на Италија и лидер на десничарската партија Лига, Матео Салвини, повика на предвремени избори, откако се објави информација дека се распаднала владејачката коалиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Салвини во четвртокот на 8 август се состана со премиерот на Италија, Џузепе Конте, а по средбата издаде соопштение во кое ја известува јавноста дека популистичката коалиција се распаднала.
„Одиме веднаш во Парламент да објавиме дека повеќе нема мнозинство и бргу да побараме избори“, рече Салвини, кој го повика претседателот на Италија, Серџо Матарела, да го извести Парламентот за распаѓањето на коалицијата.
За да распише нови избори, Матарела мора прво да утврди дека Владата останала без поддршка во Парламентот. Не е познато кога ќе се случи тоа, бидејќи претставниците на тоа тело се наоѓаат на годишен одмор.
До распаѓањето на коалицијата дојде поради растечките политички разлики меѓу Лига и нивниот коалициски партнер Движењето 5 ѕвезди.