Barış Seçkin
14 Август 2019•Ажурирај: 15 Август 2019
РИМ (AA) – Во Џенова, Италија, одржана е програма во сеќавање на 43 лица загинати на мостот „Моранди“, кој се сруши минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
На програмата, на местото каде што се гради новиот мост, присуствуваа бројни државни функционери, членови на семејствата на настраданите и многу жители на Џенова.
Меѓу државните функционери кои оддадоа почит на настраданите се претседателот на Италија, Серџио Матарела, премиерот Џузепе Конте, министерот за внатрешни работи, Матео Салвини, министерот за економски раст, Луиџи ди Маио, и градоначалникот на Џенова, Марко Бучи.
Во 11:36 часот, во времето кога се сруши мостот, одржан е едноминутен молк.
Во градот можеа да се слушнат звуците на црковните ѕвона и сирената во пристаништето, а илјадниците жители на Џенова, кои се најдоа на улиците, аплаудираа.
„Не ве заборавивме. Помина година, но спомените на вас никогаш не нè напуштија. Џенова денес е симбол на желбата за повторно раѓање“, рече Конте.
Додаде дека новиот мост ќе биде во функција од април следната година.
Бучи рече дека денес е време за заедништво и додаде дека Џенова заслужува инфраструктура од прва класа.
Егле Посети, претставничка на семејствата на настраданите, рече дека сакаат правда.
„Ако нема правда, не може да се говори за демократска држава. Ние граѓаните не можеме да ги прифатиме можностите за ваквите случаи. Не смееме да бидеме беспомошни, сакаме конкретен знак дека граѓаните можат да се чувствуваат сигурни“, рече Посети.
Надбискупот на Џенова, кардиналот Анџело Багнаско, рече дека загинале ангелите на градот.
„Џенова никогаш нема да ги заборави“, рече Багнаско.
Претседателот на Исламската заедница во Џенова, Захур Ахмед Заргар, рече дека со рушењето на мостот е поделен градот, но не и срцата.
„На Џенова ѝ се потребни мостови, а не ѕидови“, смета Заргар.
Истовремено, и покрај противењето на семејствата на настраданите, во програмата присуствуваа и претставници на компаниите „Autostrade per I’Italia“ (ASPI) и „Atlantia“, задолжени за одржување и управување со мостот.
Дел од мостот „Моради“ се сруши на 14 август 2018 година. Загинаа најмалку 43 лица. Преостанатиот дел од мостот контролирано е срушен на 28 јуни. Првиот извештај на експертите укажа на значењето на недостатоците, кога станува збор за одржувањето на мостот.
Градењето на новиот мост започна во март, а на проектот ќе работи и светски познатиот архитект Рензо Пијано.