Şerife Çetin
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
БРИСЕЛ
Шефовите на дипломатиите на Италија, Франција, Велика Британија и Германија денеска во Брисел ќе разговараат за кризата во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, соопшти дека високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Јосеп Борел, ќе биде домаќин на состанокот на кој ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на земјите членки на Берлинскиот процес.
Стано изјави дека на состанокот ќе бидат разгледани можните чекори за запирање на насилството во Либија во која тензиите достигнаа загрижувачко ниво.
Тој исто така изјави дека страните во Либија треба да ги почитуваат иницијативите кои под покровителство на Обединетите нации (ОН) водат во правец на решавање на кризата во таа земја.
„Министрите за надворешни работи на Европската Унија в петок на вонредна седница ќе разговараат за иранското прашање, но можно е и денеска на дневен ред да има тема за иранската нуклеарна програма. Дипломатијата и преговорите треба да бидат пред судирите“, порача Стано.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш се води борба за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.
Водачот на сепаратистичките сили во источна Либија, Калифа Хафтар, во април започна напад за заземање на Триполи, кој силите на Владата на национално единство го сузбија со операцијата „Боркан ал Гадаб“.
Сојузничките странски воздушни сили на Хафтар во саботата извршија напад врз Военото училиште во Триполи и убија најмалку 30, а ранија 33 ученици. Владата на национално единство на Либија соопшти дека нападот е извршен со беспилотно летало од кинеско производство „Wingloon II“, сопственост на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).