Tufan Aktaş
06 Октомври 2022•Ажурирај: 07 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Директорот на Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) за Африка, Ахмед Огвел, на неделниот брифинг изјави дека на итниот состанок, кој е планиран да се одржи на 12 октомври во соработка со Светската здравствена организација, меѓу земјите учеснички се и Сиера Леоне, Гвинеја и Либерија, во кои многу луѓе ги загубија животите поради вирусот на ебола, известува Агенција Анадолија (АА).
Огвел истакна дека на средбата, покрај мерките, ќе се разговара и за безбедноста на граничните премини и додаде дека на состанокот ќе учествуваат и претставници на Судан, Демократска Република Конго, Кенија, Руанда и Танзанија.
Потенцирајќи дека последната недела е регистрирано зголемување на бројот на заразени и смртни случаи од ебола во Уганда, Огвел истакна дека има 43 потврдени случаи на зараза, додека бројот на сомнителни и потврдени смртни случаи е зголемен на 30.
Огвел информира дека во оваа земја се следи состојбата на 867 луѓе кои биле во контакт со заразените и починатите.
Суданска варијанта на вирусот ебола, која е ретка, за првпат е откриена во Уганда кај 24-годишно лице на 19 септември.
- Вирусот ебола
Вирусот на еболата, кој предизвикува еден вид хеморагична треска со крварење и висока температура, за првпат во вид на епидемија, истовремено се појави во градот Нзара во Судан и во градот Јамбуку во Демократска Република Конго во 1976 година.
Заразната болест во Демократска Република Конго го добила името по реката Ебола бидејќи епидемијата во оваа земја започнала во село во близина на споменатата река.
Болеста ебола, потоа, во декември 2013 година се прошири во Западна Африка. Во епидемијата која ги зафати Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне во периодот од 2014 до 2017 година, со вирусот беа заразени 30.000 луѓе, а повеќе од 11.000 од заболените ги загубија животите.