Amina Zorniç
31 Јануари 2016•Ажурирај: 31 Јануари 2016
ЊУЈОРК (АА) - Актуелниот вирус зика би можел да стане поголема глобална здравствена закана од смртоносниот вирус ебола, кој минатата година во африканските земји однесе над 11 илјади животи, јавува Andolu Agency (АА).
Овој став во врска со зика вирусот е широко распространет кај високите светските здравствени работници, изјави Џереми Фарар, специјалист за инфективни болести и шеф на организацијата "Wellcome Trust", една од најголемите хуманитарни истражувачки центри во светот.
Како што соопштува британскиот "Гардијан", на повидок сè уште нема решение или вакцина против вирусот зика.
"Вистинскиот проблем е во тоа што во обидот да се развие вакцина таа мора да биде тестирана на бремени жени, што е кошмар. Со 80 проценти од пациентите кои не покажуваат никакви симптоми, следењето на болеста е исклучително тешко", рече Фарар.
Зика вирусот, кој се шири од комарец на човек, за прв пат е регистриран во 1940 година, во Уганда, од каде што се прошири низ Африка. Вирусот подоцна се појави во Јужниот Пацифик и Азија, а од неодамна и во Латинска Америка. Поради глобалните патувања, научниците предупредуваат дека вирусот може да се појави било каде во светот.
За вирусот зика нема вакцина а исто така не постои ниту лек за лечење на вирусот. Симптомите обично вклучуваат треска, осип, болки во зглобовите, болка и црвенило на очите, болка во мускулите, главоболка и повраќање. Симптомите обично почнуваат 3-7 дена по каснување од комарец.
Минатата година ситуацијата со вирусот ескалираше во Бразил, кога се регистрирани повеќе од 2.400 случаи, во 20 бразилски држави, во споредба со 147 случаи во 2014 година. Поголемиот дел од пациентите беа млади мајки со треска, осип и главоболка.
Исто така, беше откриено дека зика вирусот предизвикува појава на микроцефалија, невролошко нарушување што може да доведе до нецелосен развој на мозокот кај бебињата.