НУР СУЛТАН (АА) - МЕИРАМЃУЛ КУСАИНОВА -
Министерката за информатика и општествен развој на Казахстан, Аида Балајева, истакна дека сакаат да го искористат огромното искуство на Турција во медиумската област, и рече дека имаат за цел да ги зајакнат меѓусебните односи со турските партнери во областа на комуникациите.
Балајева одговараше на прашањата на Агенција Анадолија (АА) пред нејзината посета на турскиот главен град, Анкара, на 5 и 6 април.
Таа потсети дека Турција е прва земја која ја признала независноста на Казахстан во 1991 година, и дека турската држава и турскиот народ веќе 30 година стојат покрај Казахстан и своите казахстански браќа.
Исто така, Балајева нагласи дека во почетокот на 1990-тите години, иако се соочила со одредени економски тешкотии, Турција била прва земја која безусловно инвестирала во Казахстан.
„Турските фирми играа активна улога во изградбата на новиот главен град на нашата земја. Во овој период, успеавме да воспоставиме цврста врска помеѓу братските земји, кои споделуваат исти корени и јазик, во областа на економијата, образованието, културата, транспортот и логистиката“, рече Балајева.
Потсети дека наредната година ќе се одбележи 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Казахстан и Турција.
„Под водство на нашите лидери гледаме дека нашите билатерални односи постојано се зајакнуваат. Верувам дека плодното партнерство и интеракција помеѓу нашите земји и во иднина ќе продолжи да се проширува и на регионални и на меѓународни платформи“, додаде таа.
Како што наведе, во рамки на посетата на Анкара ќе се состане и со шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, при што ќе разговараат за билатералните контакти во областа на информатиката, верската, семејната и младинската политика, како и во областа на развојот на граѓанскиот сектор.
Балајева истакна дека сакаат да го искористат огромното искуство на Турција во медиумската област, и рече: „Имаме за цел да ги зајакнуваме билатералните односи со нашите турски партнери во областа на комуникациите.“
Како што рече таа, ќе реализираат заеднички проекти за зајакнување на билатералната соработка во медиумскиот сектор, а веќе одржале средби со цел да водат заеднички проекти со ТРТ.
Истакна дека во минатото во соработка на државните медиуми на двете земји бил подготвен заеднички документарец.
Балајева потсети дека во 2018 година бил потпишан договор за соработка помеѓу Агенција Анадолија и казахстанската државна новинска агенција Казинформ.
„Исто и денес е воспоставена многу блиска соработка помеѓу главните новински агенции на двете земји. Агенциите дневно меѓусебно споделуваат вести, фотографии и видеоснимки. Моментално планираат да реализираат заеднички проекти по повод 30-годишнината од независноста на Казахстан“, истакна таа.
Според неа, интеракцијата во медиумската област е важна и од аспект на односите помеѓу братските народи, а Сојузот на новинските агенции на туркиските јазици формиран порано не е доволно активен.
„Може повторно да формираме заедничка платформа помеѓу медиумските органи и медиумските претставници. Оваа платформа можеме да ја организираме во рамки на Неделата на медиумите на Астана“, рече Балајева.
Таа нагласи дека односите помеѓу Казахстан и Турција се унапредуваат во духот на братството.
„Нашите предци знаеја дека ние потекнуваме од исти корени и имаме иста крв. Моментално се ревитализираат тие наши историски односи. Сметам дека поседуваме цврсти братски врски во оваа насока“, додаде Балајева.
news_share_descriptionsubscription_contact


