ЛОНДОН (АА) - Во извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен денес се вели дека убиството на саудискиот новинар, Џамал Кашоги, кој беше убиен минатата година во саудискиот Конзулат во турскиот град Истанбул, претставува „вонсудска егзекуција“ за која е одговорна Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Каламард, го подготви извештајот во кој вели дека пронашла „веродостојни докази“ за понатамошно испитување на индивидуалната одговорност на саудиските официјални претставници во врска со убиството на Кашоги, вклучувајќи го и саудискиот принц Мухамед бин Селман.
„Целните санкции кон поединците и/или ентитетите во Саудиска Арабија, кои најверојатно биле вмешани во убиството на Кашоги, мора да бидат продолжени“, пишува во извештајот, во кој се додава: „Сепак, во поглед на веродостојните докази за одговорноста на саудискиот принц за ова убиство, ваквите санкции мора исто така да го вклучат и него, како и неговиот личен имот во странство, сè додека и доколку не се обезбедат докази и не се докаже дека тој не е одговорен за ваквата егзекуција“.
Специјалната известувачка ја признава политичката чувствителност на ова прашање, но нагласува дека во рамките на законите за имунитет и неповредливост не постои забрана за санкционирање на лица кои имаат позиции каква што има принцот.
- Прекршување на меѓународното право -
Во извештајот, исто така, се вели дека убиството на Кашоги претставува вонсудско убиство и дека неговото киднапирање претставува кршење на меѓународните човекови права и може да претставува и акт на тортура во рамките на Конвенцијата против тортура. Исто така, начинот на кој бил држен и третиран пред да биде убиен би претставувал прекршување на меѓународното право за правата на човекот.
„Покрај тоа, истрагата спроведена од Саудиска Арабија не беше спроведена со добра волја и може да се смета за попречување на правдата, откако беа пронајдени веродостојни докази кои укажаа на темелно расчистување на местото на злосторството“, се вели во извештајот.
Специјалната известувачка побара судењето на 11-те осомничени во Саудиска Арабија да биде суспендирано поради загриженост за недостатокот на кредибилитет и тајност во текот на судските процеси.
Во извештајот, исто така, се наведува дека досега Саудиска Арабија не успеала јавно да ја признае одговорноста за убиството на Кашоги и не успеала да даде извинување до семејството, пријателите и колегите од „Вашингтон пост“ за неговата смрт и ужасниот начин на кој тој бил убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул.
- Турската истрага беше попречена -
Саудиска Арабија, исто така, воспостави тешки ограничувања во истрагата на Турција, при што на турските истражувачи им го ограничи пристапот на време и во областите каде што тие можеа да достигнат. На пример, турските истражувачи на 15 октомври имаа пристап до Конзулатот само шест часа а во резиденцијата на конзулот на 17 октомври 13 часа, во која нивните форензички истражувања беа ограничени само на бришење.
Повикувајќи го Кралството да се извини на Турција за „злоупотреба на дипломатските привилегии и кршење на забраната за вонтериторијална употреба на сила“, извештајот понатаму повикува на понатамошна истрага од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и од американското ФБИ.
Специјалната известувачка, исто така, дојде до информации дека на децата на Кашоги им бил понуден пакет со парична надомест од страна на саудиската власт, но постојат прашања дали надоместот е во рамките на меѓународните човекови права.
Специјалната известувачка во извештајот, исто така, додаде: „Егзекуцијата на г-дин Кашоги е симболична на глобалниот модел на целно убиство и заканите упатени кон новинарите и медиумските работници, што регуларно се осудува од страна на земјите, агенциите на ОН, специјалните процедури, како и од страна на голем број меѓународни и национални организации за човековите права“.
Во извештајот се вклучени делови од снимениот разговор што го имал Кашоги со саудиските власти во Амбасадата само неколку минути пред неговата смрт.
Кашоги беше убиен, а телото исечено на парчиња од група саудиски оперативци кратко по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул, Турција, на 2 октомври минатата година.
Ријад даде различни, контрадикторни објаснувања за неговото исчезнување, пред да признае дека тој бил убиен во дипломатското претставништво, ставајќи ја вината врз неуспешната операција за испрашување изведена од агентите.
news_share_descriptionsubscription_contact
