Zehra Nur Düz
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ПЕКИНГ
Кина денес ги деградираше своите дипломатски односи со Литванија откако оваа балтичка држава дозволи Тајван да отвори де факто амбасада во земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
„Кинеската Влада, со цел да го заштити националниот суверенитет и основните норми кои ги регулираат меѓународните односи, нема друг избор освен на основно ниво да ги симне своите дипломатски односи со Литванија“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Оваа одлука следуваше откако Тајван, што Кина го смета за своја провинција, во четвртокот отвори свое претставништво, де факто амбасада, во Литванија.
Кина порача дека Литванија со тоа ги нарушила дипломатските односи меѓу двете земји.
„Тоа го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина и претставува грубо мешање во внатрешните работи на Кина“, се наведува во соопштението од Пекинг.
Кина ја повика литванската Влада веднаш да ја повлече спорната одлука и да не ја потценува силната одлучност, волја и способност на кинескиот народ да ги брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет.
Пекинг во август побара од амбасадорот на Литванија да се врати во матичната земја и го отповика својот амбасадор во Вилнус, откако оваа европска земја одлучи да ги формализира дипломатските односи со Тајван.