Fuat Kabakcı
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Кина во однос на победата од Бајден на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека двете земји треба да ја зајакнат меѓусебната комуникација и дијалог, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството, Ванг Винбин, на редовната прес-конференција во Пекинг, истакна дека во врска со изборот на Бајден ќе ги следат меѓународните конвенции.
„Го следевме процесот за прогласување на Бајден за победник на изборите. Разбираме дека резултатите од изборите ќе бидат утврдени со законот и поредокот на САД“, рече портпаролот Ванг, но не упати честитка за победата.
Што се однесува до билатералните односи во новиот период, Ванг рече: „Ние секогаш веруваме дека Кина и САД треба да ја зајакнат меѓусебната комуникација и дијалог, да управуваат со разликите врз основа на заемно почитување, да ја прошируваат соработката врз основа на заеднички интереси и да го промовираат стабилниот развој на билатералните односи.“
Во последните неколку години, кинеско-американските односи беа тензични поради Тајван, Јужнокинеското Море, Хонгконг, Ковид-19 и царинските тарифи.