Zehra Ulucak
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
ПЕКИНГ (АА) - Во шумските предели на кинеската покраина Сечуан, за време на викендот избувна пожар во кој животот го загубија 30 пожарникари кои се бореле со огнот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кинеското Министерство за управување со вонредни состојби соопшти дека во подрачјето Лиангшан, на тешко достапен терен на надморска височина од 3.800 метри избувнал пожар. Додека траела операцијата за гасење на пожарот, ветрот ненадејно го сменил правецот и дел од пожарникарите останале затечени од огнот.
Во соопштението се наведува дека во гасењето на пожарот кој избувнал во саботата се вклучиле 689 лица, но во неделата е изгубен контактот со 30 пожарникари.
Во продолжение се вели дека на местото на пожарот во потрагата по исчезнатите пожарникари се испратени два хеликоптера кои пренесувале медицинска опрема. Во текот на операцијата откриени се безживотните тела на 30 пожарникари.
Шумскиот оган кој го зафати планинскиот дел на регионот Мули, сѐ уште не е ставен под контрола и во тек се операциите за негово гаснење.
Последните неколку недели Кина се бори со шумски пожари кои избувнуваат во различни делови на земјата.