Alaattin Doğru
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
ДАКАР (АА) - Епидемијата на ебола, која од јули минатата година е активна во Демократската Република Конго, досега одзеде 610 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците што ги објави Министерството за здравство на ДР Конго, вирусот на ебола се појавил во провинцијата Северен Киву и се распространил во провинцијата Итури, при што се забележани 1.082 случаи на крвавења со температура. Кај 1.016 од овие лица е пронајден вирусот на ебола.
Како последица на епидемијата на ебола, од јули минатата година досега животот го загубија 610 лица, додека 331 лице кои го носеа вирусот во потполност се излечиле. Сè уште 75 лица заболени од ебола се наоѓаат на лекување во медицинските центри.
Од друга страна, од крвавење и висока температура починаа уште 66 лица, кај кои не е утврдено дали смртта настапила од вирусот на ебола.
На 8 август 2018 година започна кампања во која се вакцинирани 93.613 лица.
Еболата за првпат е забележана во суданскиот град Нзара и во градот Јамбуку, во ДР Конго. На вирусот му е дадено името ебола, бидејќи се смета дека болеста за првпат се појавила во едно село во ДР Конго, во близина на реката Ебола.
Вирусот на ебола во декември 2013 година се прошири во Западна Африка. Во периодот од 2014 до 2017 година во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне настапи епидемија, при што беа забележани 30.000 заболени од овој вирус, а повеќе од 11.000 ги загубија животите.