Emre Aytekin
20 Август 2021•Ажурирај: 22 Август 2021
ПЕКИНГ
Највисокото законодавно тело на Кина усвои реформа на законот со кој на родителите им се одобрува да имаат по три деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес на Кина ги усвои измените на Законот за планирање семејство и популација.
Новинската агенција „Синхуа“ јавува дека за да стапи законот на сила потребно е таа реформа да ја ратификува и кинескиот претседател Си Ѓипинг.
Реформата е спроведена врз основа на одлуката за поддршка на паровите кои сакаат да имаат и три деца, а која на крајот на мај ја усвои Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.
Политбирото, предводено од претседателот Ѓипинг, рече дека реформата има за цел да одговори на стареењето на нацијата и да ги подобри човечките ресурси на земјата.
Оваа реформа е уште еден показател дека Кина постепено се откажува од политиката што ја воведе во 1980 година за да го запре растот на населението и која им овозможи на семејствата да имаат само по едно дете. Во 2016 година, на родителите им беше дозволено да имаат второ дете поради проблемот со стареењето на кинеската нација.